„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД ДОМАЌИН НА ТРКАТА „КРОАЦИЈА ОСИГУРУВАЊЕ – БИЗНИС ТРКА 5K 2026“

Скопје вчера беше домаќин на второто издание на „Кроација осигурување – Бизнис трка 5K“, најмасовната корпоративна спортско-рекреативна манифестација која на едно место обедини повеќе од 50 компании, институции и организации од Македонија. И оваа година, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ беше горд домаќин на настанот, при што стартот и финишот на трката беа поставени пред болницата.

На настанот учествуваа 750 вработени од финансискиот сектор, ИТ-индустријата, телекомуникациите, фармацијата, логистиката, производството, јавните институции, дипломатските претставништва и невладиниот сектор. Заменувајќи ги секојдневните работни обврски со спортска опрема, тие успешно ја совладаа патеката долга 5 километри покрај реката Вардар, испраќајќи силна порака за важноста на здравите животни навики и потврдувајќи дека спортот е одличен начин за градење силни тимови, меѓусебна соработка и позитивна корпоративна култура.

„Аџибадем Систина“ и „Премиум спорт центар“ се претставија со свој тим од 70 учесници, кои со голема енергија и ентузијазам ја истрчаа целата патека, гордо носејќи ги боите на нашите брендови.

За загревањето на учесниците беше задолжена фитнес-инструкторката Ангела Јованоска-Конески од „Премиум спорт центар“.

Дополнително, „Аџибадем Систина“ овозможи бесплатно мерење на шеќер во крвта и крвен притисок за сите учесници пред почетокот и по завршувањето на трката. Учесниците имаа можност да добијат интерпретација на резултатите и корисни совети од д-р Надица Божиновска-Димова, специјалист по ендокринологија, со што уште еднаш беше нагласена важноста на превенцијата и редовната грижа за здравјето.

По завршувањето на трката следуваше дружење на отворено со музичка програма, храна и освежување, создавајќи одлична атмосфера исполнета со позитивна енергија, дружење и спортски дух. Просторот пред болницата се претвори во место каде што учесниците ги споделија своите впечатоци и го прославија заедничкиот успех. „Аџибадем Систина“ континуирано ја негува културата на колективен дух, останувајќи посветена на иницијативи што го промовираат активниот и здрав начин на живот.