9 ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ ЗА МОЌТА НА ФИЗИОТЕРАПИЈАТА ВО СПОРТОТ

Физикалната терапија претставува медицинска дисциплина која со помош на вежби, мануелни техники и современи апарати го враќа движењето и ја подобрува функцијата на телото. Таа има клучна улога во лекувањето на спортските повреди, бидејќи бргу ги намалува болката и отокот, го подобрува опсегот на движење и ја зајакнува мускулатурата. Преку индивидуализирана рехабилитација и работа на координација, стабилност и биомеханика, физикалната терапија им овозможува на спортистите побргу и побезбедно да се вратат на тренинг и натпреварување, со значително намален ризик од повторна повреда, објаснува д-р Аница Хаџи-Петрушева-Јанкијевиќ, специјалист по физикална медицина и рехабилитација. Ова се 9 најчести прашања за кои побаравме одговор.

КОИ СЕ НАЈЧЕСТИТЕ СПОРТСКИ ПОВРЕДИ ШТО СЕ ТРЕТИРААТ СО ФИЗИКАЛНА ТЕРАПИЈА?

      Најчестите спортски повреди што се третираат со физикална терапија се мекоткивните повреди кои вклучуваат истегнувања и кинења на мускули, лигаментарни повреди, зглобни повреди меѓу кои најчести се на колено, скочен зглоб и рамо, како и тендинопатии – воспаленија или дегенеративни промени на тетивите (Achilles, rotator cuff, patellar tendon). Чести се и повредите на грбот, како лумбални болки или дисбаланси во мускулатурата.

      КОЛКУ Е ВАЖНО НАВРЕМЕНО ДА СЕ ЗАПОЧНЕ СО ФИЗИКАЛНА ТЕРАПИЈА ПО СПОРТСКА ПОВРЕДА?

      Навременото започнување со физикална терапија по спортска повреда е од исклучително значење. Раната интервенција помага во побрзо намалување на болката и отокот, спречува развој на компензаторни движења и секундарни проблеми и овозможува побрзо враќање на нормалната функција. Колку што порано започне рехабилитацијата, толку е помала веројатноста за хронични последици и повторни повреди. Правилно водената терапија во раните фази значително го скратува времето до враќање на тренинг и натпреварување.

      КАКО ИЗГЛЕДА ПРОЦЕСОТ НА ФИЗИКАЛНА ТЕРАПИЈА ПО ПОВРЕДА – КОИ СЕ ФАЗИТЕ НА ТРЕТМАНОТ?

      Процесот на физикална терапија по спортска повреда се одвива во неколку јасно дефинирани фази. Во првата фаза, фокусот е на намалување на болката, отокот и воспалението со соодветни физикални процедури и контролирани движења. Втората фаза опфаќа постепено враќање на подвижноста, флексибилноста и основната мускулна сила. Во третата фаза се работи на напредни вежби за стабилност, координација и функционални движења. Конечно, завршната фаза има за цел безбедно враќање на спортските активности преку специфични тренинзи кои го имитираат реалното оптоварување на спортот. Овој структуриран пристап обезбедува целосно и сигурно закрепнување.

      Индивидуалниот план за физикална терапија се креира врз основа на детална процена на повредата, симптомите и потребите на пациентот. Прво се анализираат типот и тежината на повредата, опсегот на движење, мускулната сила и функционалните ограничувања. Потоа се земаат предвид возраста, нивото на физичка активност, спортот со кој се занимава пациентот и неговите цели за закрепнување. Врз оваа основа се одредува персонализиран третман кој вклучува специфични вежби, физиотерапевтски процедури и прогресивен план за враќање во активност.                          

      КОЛКУ ВРЕМЕ ВООБИЧАЕНО Е ПОТРЕБНО ЗА ЦЕЛОСНО ЗАКРЕПНУВАЊЕ СО ФИЗИКАЛНА ТЕРАПИЈА?

      Времето потребно за целосно закрепнување со физикална терапија значително варира и зависи од типот и тежината на повредата, возраста, физичката подготвеност и доследноста во терапијата. Периодот на рехабилитација може да трае од неколку дена, па и до неколку месеци.

      ДАЛИ ФИЗИКАЛНАТА ТЕРАПИЈА МОЖЕ ДА ЈА ЗАМЕНИ ХИРУРШКАТА ИНТЕРВЕНЦИЈА ВО ОДРЕДЕНИ СЛУЧАИ?

      Физикалната терапија во одредени случаи може да помогне да се избегне хируршка интервенција, особено кај повреди како што се воспалителни процеси, умерени мекоткивни оштетувања, болки во грбот или дегенеративни промени. Со намалување на болката, подобрување на подвижноста и јакнење на мускулатурата, терапијата често овозможува значително подобрување без операција. Сепак, кај тешки руптури, фрактури или сериозни структурни оштетувања, хируршката интервенција останува неопходна, а физикалната терапија ја надополнува како дел од рехабилитацијата.

      КОИ ВИДОВИ ТЕРАПИИ НАЈЧЕСТО СЕ КОРИСТАТ КАЈ СПОРТСКИ ПОВРЕДИ И КАКВА Е УЛОГАТА НА СОВРЕМЕНИТЕ ТЕХНОЛОГИИ ВО ФИЗИКАЛНАТА ТЕРАПИЈА?

      Кај спортските повреди во зависност од повредата се применуваат различни видови физикални процедури кои меѓусебно се комбинираат како: електротерапија, сонотерапија за намалување на болката и воспалението, подобрување на циркулацијата, криотерапија за смирување на отокот, магнетотерапија, кинезитерапија за враќање на силата, флексибилноста и движењето. Современите технологии имаат клучна улога во модерната физикална терапија, овозможувајќи поголема прецизност, безбедност и брзина на заздравување. Се применуваат техники како високоинтензивен ласер, високофреквентно електромагнетно поле, радиофреквентни бранови и специфични мануелни техники.

      ШТО МОЖЕ ДА СЕ НАПРАВИ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА НА СПОРТСКИТЕ ПОВРЕДИ – ДАЛИ ФИЗИКАЛНАТА ТЕРАПИЈА ИМА УЛОГА И ВО ТОА?

      Физикалната терапија игра клучна улога во превенцијата на спортски повреди. Со правилна проценка на мускулната сила, стабилноста на зглобовите и флексибилноста, физиотерапевтите го идентификуваат ризикот од повреди и предлагаат индивидуализирани вежби за јакнење, стабилизација и растегнување. Обуката за правилна техника и раната интервенција при мали проблеми дополнително го намалуваат ризикот, додека програмите за враќање на кондицијата по повреда спречуваат повторни тешкотии. На овој начин, физиотерапијата не е само лекување, туку и ефективна стратегија за заштита и долгорочно здравје на спортистите.

      КОЈ СОВЕТ БИ ИМ ГО ДАЛЕ НА АМАТЕРСКИТЕ СПОРТИСТИ ЗА ДА СЕ ЗАШТИТАТ ОД ПОВРЕДИ И ДА ОДРЖАТ ДОБРА ФИЗИЧКА КОНДИЦИЈА?

      За да се заштитите од повреди и да одржите добра форма, започнувајте секогаш со загревање и вежби за истегнување, јакнете ги мускулите околу клучните зглобови и работете на стабилноста на телото. Изведувајте ги вежбите со правилна техника, слушајте го телото и давајте му доволно време за одмор. Комбинирајте кардио, силови и вежби за флексибилност за сеопфатна кондиција и долгорочно здравје.