ШТО Е MИОФАСЦИЈАЛНА РЕЛАКСАЦИЈА?

Mиофасцијална релаксација е техника на мануелна терапија која често се користи во масажата. Taa e  фокусирана на болка за која се верува дека потекнува од миофасцијалните ткива – цврсти мембрани што ги обвиткуваат, поврзуваат и поддржуваат вашите мускули во целото тело.  

Катерина Илиеска, физиотерапевт, вели дека теоретски, миофасцијалната болка се разликува од другите видови болка, бидејќи потекнува од „точки на активирање“, таканаречени тригер-точки, кои се поврзани со вкочанети, укрутени и задебелени регии на миофасцијалното ткиво.

„Болката од ова потекло е често тешка за локализација. Во процесот на третирање, терапевтот ги лоцира миофасцијалните регии со  чувство на вкочанети и фиксирани места под лесен рачен, односно мануелен притисок. Овие места можат да бидат на оддалеченост од изворот на болка, но се одговорни за ограничени движења на мускулите и зглобовите, што е причина за дифузирање на болката во мускулите. Механизам на дејствување е фокусиран рачен притисок и истегнување, со што се постигнува миофасцијално ослободување  на ограниченото движење, а со тоа  индиректно се доаѓа до намалување на болката“, објаснува Илиеска.