ГРИЖА ЗА МАЈКАТА И ПОВТОРНО ПОВРЗУВАЊЕ СО ТЕЛОТО

ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ ЗА ВРЕМЕ НА БРЕМЕНОСТ, КОГА Е БЕЗБЕДНО И ЗОШТО Е ВАЖНА

Бременоста е едно од најинтензивните животни патувања на жената – време на радост, исчекување, но и значителни физички, хормонални и емоционални промени. Ангела Јованоска-Конески, фитнес-тренер, истакнува дека во случаи кога бременоста е здрава и без медицински компликации, умерената и приспособена физичка активност може да биде од непроценлива важност – како за телото, така и за умот. Важно е да се нагласи дека „активност“ во бременоста не значи интензивно вежбање или притисок за постигнување на некакви резултати. Напротив, тоа подразбира свесно движење, правилно дишење и градење на сила, издржливост и флексибилност на начин што ја поддржува бременоста, при што секогаш се проценува подготвеноста на клиентката, односно дали првпат вежба во бременоста/постпартум или е веќе активен вежбач.

КОИ СЕ ПРИДОБИВКИТЕ ОД ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ ВО БРЕМЕНОСТА?

  • Намалување на болките во грбот и карлицатa
  • Подобрување на циркулацијата и намалување на отоците y Олеснување на дигестивниот процес y Подобрување на држењето и балансот
  • Поддршка на карличното дно и подготовка за породување
  • Подобрување на расположението и квалитетот на сонот
  • Намалување на ризикот од гестациски дијабетес и прееклампсија
  • Зголемено чувство на контрола и самодоверба

Активните трудници често искусуваат полесен и побалансиран тек на бременоста и породувањето, благодарение на појакото тело и свесноста за дишење и мускулна контрола. Но, клучно е сѐ да се одвива во соработка со гинекологот и во соработка со стручно лице – тренер што знае како да приспособи вежби според триместарот, физичката состојба и целите на жената.

КОГА НЕ Е ПРЕПОРАЧЛИВО ДА СЕ ВЕЖБА?

Постојат одредени медицински состојби каде што е потребна дополнителна претпазливост или дури и целосно избегнување на физичка активност. Тука спаѓаат:

  • ризик од предвремено породување
  • крвавење
  • ниска позиција на плацентата (плацента превиа)
  • сериозна анемија
  • проблеми со срцето или белите дробови
  • неконтролиран гестациски дијабетес или висок крвен притисок.

Секогаш е неопходна индивидуална проценка пред започнување со програма за вежбање.

ПОСТПАРТАЛНИОТ ПЕРИОД – НЕЖНО ВРАЌАЊЕ КОН СЕБЕ

Постпарталниот период е време на голема трансформација – телото заздравува, хормоните се стабилизираат, а жената полека влегува во новата улога на мајка. Тоа е време кога грижата за себе често се става во втор план, но токму тогаш е најпотребна. „Без разлика дали породувањето било природно или со царски рез, дали мајката има дијастаза, пролапс или просто се чувствува одвоено од сопственото тело – враќањето во движење не треба да се одложува премногу. Но, тоа мора да биде нежно, прогресивно и приспособено“, објаснува Ангела.

ШТО ЗНАЧИ ВРАЌАЊЕ ВО ДВИЖЕЊЕ ПО ПОРОДУВАЊЕ?

Првите неколку недели не значат класично вежбање, туку:

  • дијафрагмално дишење – за враќање на стабилноста во јадрото y свесна активација на карличното дно
  • нежни мобилизациски вежби
  • работа на држењето и фокус на стабилност
  • контакт со телото без осуда или очекувања.

Со текот на времето, постепено може да се додаваат активности како лесни вежби, подолго пешачење, јога или пилатес, но секогаш со проценка од страна на стручно лице.

МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ И ДВИЖЕЊЕТО – КЛУЧНА ВРСКА

Мајчинството е прекрасно, но и исцрпувачко. Многу жени се соочуваат со:

  • пад на енергијата  
  • промени во расположението
  • анксиозност
  • намалена самодоверба
  • изолација и чувство на изгубеност.

Физичката активност во овие моменти не е само начин да се „врати формата“, туку и да се вратат менталната јасност, стабилност и контакт со себеси. Движењето станува алатка за самоосвестување, самопочит и емоционално исцелување.

СО ЉУБОВ КОН ТЕЛОТО, НЕ СО ПРИТИСОК

Бременоста и мајчинството не се време за „совршен изглед“, туку за почит, грижа и благодарност кон телото. Телото на жената носи живот – тоа е неверојатна моќ. Но секое тело има свој ритам, своја приказна и свои потреби. Физичката активност во овие два важни периоди не е луксуз – туку вложување во здравјето, енергијата, расположението и свеста на жената. Со водство од стручно лице и со поддршка од средината, секоја мајка може да се чувствува силна, поврзана и подготвена за сè што ја чека – во и надвор од мајчинството.

„Во мојата досегашна работа со трудници и постпартум клиентки, имав чест да бидам дел од нивните најинтимни и најважни фази во животот. Секој процес е уникатен, но заедничко за сите жени со кои работев и работам е благодарноста што не се оставени сами – туку имаат со кого да споделат, да побараат насока и да се движат без страв. Како тренер, секогаш се стремам да бидам повеќе од некој што покажува вежби – туку вистинска поддршка, водич и потсетник дека телото знае и умее да биде многу посилно отколку што мислиме. Но, таа сила не се бара со притисок или брзање – особено не во периодите на бременост и постпартум. Тогаш му приоѓаме со трпение, љубов и разбирање. Формата не се ‘враќа’ – туку свесно и чекор по чекор, жената повторно се поврзува со своето тело и ја гради својата нова, уште посилна верзија“, завршува Ангела