Болките во вратот и долниот дел од грбот се меѓу најчестите здравствени проблеми на современиот човек. Долготрајното седење, недоволната физичка активност, неправилното држење на телото и дегенеративните промени на ‘рбетниот столб сè почесто предизвикуваат непријатност и ограничување на секојдневните активности. Во физикалната медицина, една од методите што успешно се применува во третманот на овие состојби е вертебралната екстензија.
ШТО Е ВЕРТЕБРАЛНА ЕКСТЕНЗИЈА?
„Вертебралната екстензија претставува механотерапевтска метода со која преку контролирана механичка сила се врши истегање на одреден сегмент од ‘рбетниот столб. Целта е да се намали притисокот врз нервните структури и да се овозможат подобри услови за нивно закрепнување“, објаснува д-р Рената Божинкочева, специјалист по физикална медицина и рехабилитација.
Најчесто се третираат вратниот и лумбалниот дел од ‘рбетот, бидејќи токму таму најчесто се појавуваат дегенеративни промени и дискус хернии. Со текот на времето, овие состојби можат да предизвикаат болка, вкочанетост, трнење или ширење на симптомите кон рацете и нозете.
КОИ СЕ ПРИДОБИВКИТЕ ОД ОВОЈ ТРЕТМАН?
Според д-р Божинкочева, ефектите од екстензијата се повеќекратни. „Со овој третман се зголемува просторот помеѓу пршлените, се намалува притисокот врз нервните корени и се подобрува циркулацијата во третираниот регион. Истовремено се постигнува релаксација на мускулатурата и се подобрува подвижноста на ‘рбетниот столб“, вели таа.
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ вертебралната екстензија се спроведува со современ екстензионен стол – екстензомат, кој овозможува прецизно и контролирано дозирање на силата на истегање. При лумбална екстензија пациентот лежи на грб, со благо свиткани колкови и колена, додека карлицата и градниот кош се фиксирани со специјални појаси. Кај цервикалната екстензија, третманот може да се изведува во лежечка или седечка положба, со внимателно позиционирање на главата.
Силата што се користи за време на екстензијата е индивидуална и ја одредува лекарот според состојбата на пациентот. Терапијата најчесто се состои од 10 до 15 третмани, кои се спроведуваат секојдневно или преку еден ден“, објаснува д-р Божинкочева.
Успешноста на третманот во голема мера зависи од правилно поставената дијагноза. Поради тоа, пред започнување на терапијата неопходен е деталeн физијатриски преглед, како и увид во радиолошките испитувања и медицинската документација. Пред самата екстензија често се применуваат процедури со миорелаксантно дејство, со цел да се подготви мускулатурата за третманот. По завршувањето на секоја сеанса, пациентите добиваат препорака неколку часа да носат лумбален појас или околувратник, како и да избегнуваат нагли движења и физички напор.
КАЈ КОИ ПАЦИЕНТИ СЕ ПРЕПОРАЧУВА?

Овој тип терапија најчесто се препорачува кај пациенти со дискус хернија, компресија и иритација на спиналните корени, цервикални невралгии, вертеброгени главоболки и други дегенеративни заболувања на ‘рбетниот столб. „Терапијата е безболна, комфорна и добро прифатена од пациентите. Особено добри резултати постигнуваме кај лица на возраст од 30 до 50 години, кај кои постои реална можност да се подобри положбата на дискусот, да се намали болката и да се подобри функцијата на мускулатурата без потреба од поинвазивни методи на лекување“, нагласува д-р Божинкочева.
Сепак, вертебралната екстензија не е соодветна за сите пациенти. Не се препорачува кај тешки дискус хернии со изразени моторни испади, воспалителни заболувања, одредени кардиоваскуларни состојби, онколошки заболувања и други состојби кај кои лекарот ќе процени дека постои ризик од спроведување на терапијата. Затоа, секој пациент со болка во грбот или вратот најпрво треба да се јави на специјалистички физијатриски преглед.
„Најважно е третманот да биде индивидуално планиран. Не секоја болка во грбот значи дека е потребна екстензија, но кај внимателно селектирани пациенти оваа метода може значително да го подобри квалитетот на животот и да помогне во враќањето на секојдневните активности“, заклучува д-р Рената Божинкочева.